26-годишниот пациент од Зелениково ќе биде пуштен дома, на Инфективна од западнонислка треска се лекуваат 21 лице, шестмина се на интезивна

Во моментот имаме 53 пациенти кои прележале, имаат или се сомнителни за западнонилска треска, извести денес министерот за здравство Сашо Клековски. Од нив 50 се потврдени случаи, три се сомнителни случаи хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.

„Од овој вкупен број на 53, 52 се со невроинвазивна форма. Еден е без невроинвазивна форма и тој е меѓу оние што се сметаат за излекувани и отпуштени. Од овие 52 со невроинвазивна форма, 51 се или третирани или сè уште се третираат во Клиниката за инфективни болести, еден во приватното здравство останува. Од овие 51 во Клиниката за инфективни болести, 25 се излекувани и отпуштени дома, 5 смртни случаи на жалост, и имаме 21 што се во моментот хоспитализирани. Од тоа, 18 потврдени и 3 се чекаат резултатите од тестовите. Од нив, шестмина се на интензивно лекување“, рече министерот Клековски.

26-годишниот пациент од Зелениково, кој во моментов е најмладиот пациент заразен со вирусот, министерот Келковски очекува наскоро да биде пуштен дома.

На лекарите Министерството им подели ажурирано упатство за постапување со пациентите надополнето со насоки за третман на пациенти со имуносупресивна терапија. Кај нив поради терапијата тестовите можат да дадат лажно негативни резултати, па потребно е посебно внимание.

Министерот Клековски денес презентираше интерактивна мапа достапна на веб-страниците на Министерството и на Институтот за јавно здравје на која на едно место се собрани сите податоци за состојбата со вирусот кои вклучуваат број на заразени со место од кое доаѓаат, број на хоспитализирани лица, број на испишани, број на смртни случаи, точно означени ризични места, како и сите досегашни преземени мерки за заштита од вирусот. Министерот кажа дека мапата ќе се ажурира постојано за граѓаните во секој момент да можат да добијат прецизни податоци за се што е поврзано со вирусот.

Текстот (Видео) 26-годишниот пациент од Зелениково ќе биде пуштен дома, на Инфективна од западнонислка треска се лекуваат 21 лице, шестмина се на интезивна е превземен од МАКФАКС.