Водно доби нов моторички парк – изграден е од паднатите дрвја од невремето

Водно доби нова содржина наменета за движење, рекреација, дружење и развивање здрави навики кај сите генерации. На планината е изграден нов моторички парк, со природни препреки и реквизити наменети за развивање на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност.

Моторичкиот парк е изработен од здравите стебла на паднатите дрвја по силното невреме што го зафати Скопје.

„Нашата обврска не е само да ја санираме штетата предизвикана од невремето, туку од секој предизвик да создадеме нешто корисно, трајно и вредно за граѓаните. Здравите стебла од паднатите дрвја добија нов живот и нова намена – денес од нив имаме простор исполнет со движење, енергија и живот“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓеивски.

Паркот е наменет за различни возрасни групи. Децата преку игра ќе можат да ги развиваат своите моторички способности, додека младите и возрасните ќе имаат дополнителен простор за вежбање, рекреација и квалитетно поминување време во природа.

По примерот на Водно, вакви моторички паркови ќе бидат изградени и во Парк-шумата Гази Баба и во Сарај.

Паралелно со уредувањето на просторот, на местата каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници. Во втората половина на септември ќе започне и голема есенска акција за пошумување на градот.

Во рамки на активностите за уредување и обновување на Водно, реконструиран е и патот до Средно Водно, а во тек е уредување на пешачките патеки и обновување на урбаната опрема, која со години беше оставена без соодветно одржување.

Дополнително, на Водно и Матка веќе функционира Планинската спасителна служба, која е подготвена за брзи и професионални интервенции во планински услови.

Текстот Водно доби нов моторички парк – изграден е од паднатите дрвја од невремето е превземен од МАКФАКС.