
Штипскиот кошаркарски клуб „Соколи 1933“ и официјално ги исполнува условите за пополнување на испразнетото место во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27.
По разгледувањето на пристигнатите пријави и целокупната доставена документација, Комисијата за лиценцирање при КФМ утврди дека штипскиот клуб ги исполнува сите потребни услови за настап во највисокиот ранг на македонската кошарка.
Одлуката е донесена согласно Статутот, Правилникот за натпреварување, Регистрацискиот правилник, Пропозициите за натпреварување, Правилникот за лиценцирање, како и одлуките на Управниот одбор на КФМ.
Со ова, „Соколи 1933“ добива можност да го пополни испразнетото место во Супер лигата – мажи, што претставува значаен момент за штипската кошарка.
Штипскиот клуб во изминатиот период работеше на формирање на составот за новата сезона, а настапот во Супер лигата би бил дополнителен мотив за раководството, играчите и навивачите на „Соколи“ пред стартот на сезоната 2026/27.
Штип повторно ќе има свој претставник меѓу најдобрите македонски кошаркарски екипи.