Еден починат и 26 заболени од западнонилска треска, прогласена епидемија во дел населени места

Еден починат и 26 случаи на западнонилска треска во земјава. Најголем дел од случаите се регистрирани во главниот град, а еден случај е регистриран и во Велес.

Во повеќе делови од главниот град е прогласена епидемија на западнонилска треска.

Заклучно со 11 август, регистрирани се вкупно 26 случаи. Два од случаите се водат како веројатни, а 22 од заболените се лица постари од 60 години.

За жал, регистриран е и еден смртен случај.

Од Институтот за јавно здравје апелираат на внимателност, но велат дека нема место за паника. Граѓаните се повикуваат да се заштитат од убоди од комарци, особено во периодите кога нивната активност е најголема.

Се препорачува употреба на репеленти, поставување заштитни мрежи и избегнување престој на отворено во периодите кога комарците се најактивни. Се препорачува и отстранување на застоената вода околу домовите, каде што комарците можат да се размножуваат.

Причината за прогласување на епидемија е поради тоа што заболувањето го надмина вообичаениот број на случаи од претходните периоди и години.

За Источниот регион, во досега објавените податоци не е наведен регистриран случај.

Состојбата се следи континуирано, а надлежните најавуваат навремено информирање на јавноста за сите нови информации.

Иван Митев, М-Нет