
Улични продавачи на лубеници и дињи во Свети Николе тврдат дека биле казнети од полицијата со парични казни во износ од по 100 евра. Според нив, станува збор за сума која е превисока во однос на заработката што ја остваруваат од сезонската продажба.
Продавачите велат дека во летниот период се обидуваат да заработат со продажба на лубеници и дињи, но посочуваат дека дневниот промет не е секогаш доволен за да ги покрие трошоците, а камоли казна од 100 евра.
„За цела недела не можеме да заработиме 100 евра, а сега треба тие пари да ги дадеме за казна“, реагираат дел од продавачите
Во врска со ситуацијата, М Нет телевизија побара став од МВР за случајот – колку продавачи биле санкционирани, во кој износ се изречени казните и по кој законски основ биле преземени мерките. Оттаму информираат дека тие постапиле по претходно добиена пријава од граѓанин за наводно продавање земјоделски производи на сообраќајна површина, со што било отежнато нормалното одвивање на сообраќајот на улицата „Филип Втори” во Свети Николе.
При преземените мерки и активности, полициските службеници извршиле проверка на фактичката состојба на самото место, при што биле затекнати лицата, кои вршеле продажба на земјоделски производи на сообраќајна површина.
По констатираната состојба, им биле изготвени прекршочни платни налози согласно член 12 ставови 2 и 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со изречена глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност, за секое лице.
Иван Митев, М-Нет