Повеќе од четири недели Гостивар е без чиста вода, обвинија СДСМ

Повеќе од четири недели Гостивар е без чиста вода, а нема ниту еден експерт, ниту еден документ, ниту еден одговорен, обвинија од СДСМ.

„Повеќе од четири недели Гостивар е без чиста вода. Повеќе од 4.700 граѓани завршиле во болница. Епидемија на жолтица. И до денес – ниту едно стручно лице од надлежна институција не излезе пред јавноста да каже каква е реалната состојба со водата. Ниту еден официјален документ. Ниту една потпишана експертска проценка. Зошто? Затоа што никој не сака да потпише документ со кој би го потврдил тоа што го бара Мицкоски, бидејќи потоа би можел кривично да одговара. Наместо стручните лица и институции, јавноста ги слуша „експертите“ на власта: Клековски – НВО менаџер, Христијан Мицкоски – машински инженер, Панче Тошковски – правник и Стојанче Ангелов – полицаец/специјалец. Машински инженер, полицаец, правник и НВО-менаџер ни ја објаснуваат хиперхлорацијата, чистењето на цевководите, епидемијата на жолтица и квалитетот на водата за пиење. Ова е лицето на оваа Влада. Експерти за сè“, велат од СДСМ.

Додаваат дека кога треба да се превземе одговорност – нема експерт, нема институција, нема потпис.

„Кога треба да се избегне одговорност, има прес-конференции и изјави без покритие. Повеќе од еден месец луѓе се трујат. Повеќе од 4.700 лица завршија во болница. А државата сè уште нема капацитет да издаде еден единствен стручен наод. Граѓаните на Гостивар не бараат политички изјави. Бараат чиста вода и одговорност. Досега го нема ниту едното, ниту другото“, велат од СДСМ.

Текстот Повеќе од четири недели Гостивар е без чиста вода, обвинија СДСМ е превземен од МАКФАКС.