
Директорот на Клиничка болница Штип, Владко Захариев, се огласи по реакциите и објавите на социјалните мрежи во врска со пациентка која, по извршен царски рез, развила невролошки симптоми, повикувајќи на воздржаност од изнесување непроверени информации сè додека не заврши стручната и институционалната постапка.
Во соопштението се наведува дека пациентката била породена со царски рез, а постоперативниот тек поминал уредно, по што била испишана во добра општа здравствена состојба. По извесен период од отпуштањето, таа се јавила во регионална болница со изразена слабост на долните екстремитети, каде при понатамошните испитувања била утврдена промена во спиналниот канал на високо торакално ниво.
Според Захариев, анатомската локација на промената не се совпаѓа со местото каде што се аплицира спиналната анестезија, која се изведува во лумбалниот дел на ‘рбетниот столб. Поради тоа, како што наведува, ваквата промена не може да се поврзе со спиналната анестезија применета при царскиот рез.
Тој нагласува дека Клиничка болница Штип останува посветена на стручно, одговорно и транспарентно информирање на јавноста, а воедно апелира да не се шират непроверени информации кои можат да предизвикаат вознемиреност кај пациентите и нивните семејства, како и недоверба кон здравствените работници.
Захариев упати повик и до медиумите, новинарите, лекарите, стручната јавност и здруженијата да не носат предвремени заклучоци за евентуална лекарска грешка пред да заврши официјалната постапка.
Воедно, најави дека ќе биде формиран стручен тим кој ќе го испита целиот случај. Доколку надлежните институции утврдат дека постоела лекарска грешка, Захариев порача дека ќе има одговорност за инволвираниот персонал, но и за него како директор на Клиничка болница Штип. Од друга страна, доколку се покаже дека нема лекарска грешка, очекува јавно да бидат коригирани неточните информации и да биде упатено извинување до медицинскиот персонал чиј професионален интегритет бил доведен во прашање.