Штипјанецот Андреј Велков подготвен за новиот предизвик, младиот репрезентативец веќе го започна новото поглавје со Тиквеш

Штипскиот фудбалски талент Андреј Велков и официјално ја започна својата авантура во редовите на прволигашот Тиквеш од Кавадарци, откако пред неколку дена беше промовиран како ново засилување на „црвено-белите“.
Во клубот не го криеја задоволството од ангажманот на 20-годишниот лев бек, истакнувајќи дека станува збор за млад, амбициозен фудбалер кој има голем потенцијал и желба за напредок.
Велков во Кавадарци пристигна како слободен играч, а зад себе има развоен пат низ младинската школа на Брегалница, потоа Академија Брера, како и настапи за сениорскиот тим на Брера Струмица. Покрај клупската кариера, тој е и македонски репрезентативец во селекцијата до 20 години.
Со висина од 183 сантиметри, Велков настапува на позицијата лев бек, а во Тиквеш се очекува да донесе дополнителна конкуренција во одбранбената линија пред стартот на новите предизвици во Првата македонска фудбалска лига.
За штипјанецот ова претставува нов чекор во кариерата и можност за дополнителен развој во еден од најамбициозните македонски прволигаши, додека Тиквеш добива млад и перспективен фудбалер кој ќе се обиде да се наметне со своите игри во претстојната сезона.