
Образованието е важен сегмент покрај спортот, со добра организација на времето има простор и за спортување, за училиштето и за дружбата со другарите, вели младиот и успешен каратист Марко Џорлев, кој беше гости во спортскиот магазин Трибина.
Тој е посветен каратист кој зад себе има огромни резултати и претставува најголемата карате надеж на Македонија, но покрај одличните спортски резултати, тој е и посветен ученик, кој зад себе има одлични успеси, а од септември месец своето образование ќе го продолжи во штипската гимназија „Славчо Стојменски“.
„Има време за се, само треба добра организација на времето, ако нема организација и ништо да не спортуваш ќе ти биде малку времето. Јас многу често сум и надвор од државата на турнири со клубот со репрезентација и за среќа немав проблем на училиште, јас заврши деветто одделение во ООУ „Ванчо Прке“ имав добра класна, која што ми го оправдуваше сите изостаноци, сега се запишав средно гимназиско училиште од септември сум средношколец. Ќе видиме, мислам дека нема имам проблем“, вели младиот каратист Марко Џорлев.
Младиот каратист кој е гордост на Штип, но и на Македонија вели дека каратето како спорт учи на дисциплина, дополнува дека образованието е многу важно и мора да се посвети време и на училиштето, но како што вели Џорлев со добра организација има време и за тренирање, за натпревари, за учење и дружба со другарите.
„Сега, иако за мене спортот претставува нешто најубаво и најмногу уживам во спортот многу е важно и образованието, кое никако не смее да се запостави и училиштето. Мора добра организација на времето, да се посвети време и на учење, добро е тоа кај мене што јас сум присутен на часовите, слушам и не ми треба толку време дома да посветувам на учење. Кога имаме слободно време јас заедно со моите клупски другари излегуваме, се дружиме и со другари од училиштето. Има време за се, тоа мислам се должи и на фактот што имаме дисциплина, која е многу потребна, но каратето како спорт прво ја вградува дисциплината во тебе, прави да си дисциплиниран, потоа зависи и до самиот од себе за да останеш дисциплиниран и фокусиран, каратето е многу убав спорт за тоа“, дополнува Џорлев.
Марко Џорлев неодамна го освои златниот медал на Светската младинска лига во Пореч, Хрватска и во моментот е на врвот на листата како најдобар каратист во светот во неговата категорија.
Александар Ванев, М-Нет