
Второлигашите активно продолжуваат со екипирање на ростерите, а паралелно со тоа тече и одигрувањето на пријателски натпревари за проверката на формата.
Тимот на Кожуф од Гевгелија е засилен со двајца млади играчи – се работи за Давид Ашовалиев и Милан Миленковиќ, кои во пакет доаѓаат од третолигашот Победа од Валандово.
Ашовалиев е 20 годишен играч кој низ неговата кариера настапуваше за Вардарски, Дојранско Езеро, Беласица и АП Брера Струмица, а тој всушност се враќа во Кожуф каде и ја започна кариерата. Инаку, Ашовалиев веќе постигна гол на пријателската против Новаци, кога Кожуф триумфираше со минимални 1:0.
Миленковиќ е 19-годишен играч кој беше дел од Њу Старс, Беласица, Џокер и Истатов.
Второлигашот Брера Струмица загуби на меѓународниот пријателски натпревар од косовски Феризај со резултат од 2:0. Овој натпревар беше одигран во Бугарија.
До стартот на новата сезона кој е закажан за 15 август, останува период кога секој од второлигашите ќе одигра два до три контролни натпревари, а се очекува во следните неколку дена поголема активност на трансфер пазарот за ангажман на нови засилувања.
Инаку, летниот трансфер период е отворен до 6 септември, период до кој клубовите ќе може да се засилуваат.
Александар Ванев, М-Нет