МЗ: До 26 јули во Гостивар извршени 4.197 први прегледи, поднесени 833 пријави за заразна болест

Министерството за здравство објави ажурирани податоци за бројот на пациенти кои првпат побарале лекарска помош во Општата болница и Здравствениот дом во Гостивар, со пресек заклучно со 26 јули.

Според објавените информации, од 14 до 26 јули се реализирани вкупно 4.197 први прегледи, од кои 2.351 во Општата болница и 1.846 во Здравствениот дом.

Најголем број прегледи биле регистрирани на 18 јули, кога биле извршени 649 први прегледи – 334 во болницата и 315 во Здравствениот дом.

Во текот на 26 јули биле евидентирани 127 први прегледи, што е за два повеќе во однос на претходниот ден. Од нив, 91 преглед биле во Општата болница, од кои 41 на Инфективното одделение, 50 на Педијатрија и нула на Ургентниот центар, додека 36 прегледи биле реализирани во Здравствениот дом.

Според Министерството за здравство, досега се поднесени 833 формални пријави за заразна болест, што е за 32 повеќе во однос на претходниот пресек, а анкетирани се 563 пациенти, односно 68 проценти од пријавените случаи.

Епидемија во Гостивар беше прогласена на 19 јули, а здравствените власти и понатаму ја следат состојбата и ги ажурираат податоците на дневна основа.

Текстот МЗ: До 26 јули во Гостивар извршени 4.197 први прегледи, поднесени 833 пријави за заразна болест е превземен од МАКФАКС.