Уште една тажна вест. Нѐ напушти Гоце Тодоровски – голем човек, голем актер и едно од најпрепознатливите лица на македонската театарска и филмска сцена, објави градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Со неговите улоги растеа генерации. Нѐ смееше, нѐ трогнуваше и оставаше трага што никогаш нема да избледи. Неговото дело ќе продолжи да живее, затоа што вистинските великани никогаш не заминуваат – тие остануваат во срцата на народот и во спомените што ги создадоа.
Денес, на небесната сцена им се придружува на Ѓорѓи Колозов, Ванчо Петрушевски и на сите големи македонски уметници кои оставија неизбришлив белег во нашата култура.
Македонија загуби уште еден великан. Но неговото име, неговиот глас и неговите безвременски улоги ќе останат вечен дел од нашето културно наследство.
Искрено сочувство до неговото семејство, пријателите, колегите и до сите кои го сакаа и почитуваа.
Нека му е вечна слава и вечен спомен“, објави Стефковски.

Гоце Тодоровски е роден во Кичево на 30 април 1951 година. Дипломирал актерска игра на Вишата музичка школа во Скопје во 1976 година, а од 1978 година е член на ансамблот на Драмски театар – Скопје. Уште на почетокот од својата кариера се наметна како извонреден комичар и актер со препознатлив стил, оставајќи силен белег во македонскиот театар, телевизија и филм.
Публиката најмногу го памети по култната серија „Македонски народни приказни“, но и по улогите во „Бушава азбука“, „Балкан бенд“, „Трст виа Скопје“, „Солунски патрдии“, „Хихирику“, „Викенд на мртовци“, „Среќна нова ’49“, „Салон Хармони“, „Чудовиштата во нашиот град“, „Ноќ спроти Свети Василиј“ и многу други телевизиски, филмски и театарски остварувања.
И покрај повеќедецениската кариера, Тодоровски остана активен и во последните години. До минатата година снимаше нови епизоди од „Македонски народни приказни“, серија која повеќе децении е меѓу најгледаните и најомилените домашни телевизиски проекти. Пред да биде хоспитализиран, тој беше ангажиран и на снимањето на новата телевизиска серија „Враќање во иднината“, која се очекува да биде прикажана во текот на 2026 година.
Со речиси пет децении активна актерска кариера, Гоце Тодоровски е еден од симболите на македонското глумиште и актер чии улоги оставија траен белег во домашната култура.
Текстот Почина актерот Гоце Тодоровски е превземен од МАКФАКС.