
На ден 24/25.07.2026 год. во времето од 21.00 час до 03.00 часот, полициски службеници од Отсекот за превенција и ПС Штип при СВР Штип реализираа „Соседска-граѓанска патрола“ во рамки на превентивните активности насочени кон безбедноста на младите и одржување на јавниот ред и мир. Оваа активност беше спроведена заедно со претставници од Советот на Општина Штип и Центарот за социјални работи Штип, во рамки на која беа посетени места каде има зголемено присуство на малолетни лица, како паркови, игралишта и слично. При тоа, на малолетниците им беше укажано на потребата од совесно и одговорно однесување и почитување на јавниот ред и мир, а особено внимание беше посветено на превенција од меѓуврсничко насилство, вандализам и несаканите последици од употреба на алкохол и психотропни супстанци. Овие активности имаат за цел да се зголеми безбедноста на младите и да се избегнат ризиците и опасностите преку зајакнување на меѓуинституционалната соработка и соработката со локалната заедница.
Дајана Сандева, М-Нет