Од Штип во Битола: Костадин Капсаров ја напушти Брегалница и официјално потпиша за Пелистер!

Пелистер продолжува да го засилува својот играчки кадар за новата сезона, а најново име во редовите на битолскиот прволигаш е Костадин Капсаров. Клубот денеска и официјално го потврди неговиот трансфер со објавата: „Костадин Капсаров е нов фудбалер на Пелистер“.
Капсаров во Битола пристигнува од Брегалница Штип, каде настапуваше во изминатиот период, а претходно во својата кариера ги бранеше боите и на Брера Струмица (поранешна Академија Пандев), Беласица, Детонит Плачковица и Кит-Го Пехчево, стекнувајќи значајно искуство на македонската фудбалска сцена.
Станува збор за офанзивен фудбалер кој може да одговори на повеќе позиции во нападот, а во Пелистер веруваат дека со своите квалитети ќе придонесе во остварувањето на амбициите на клубот во претстојната сезона.
Со овој трансфер, Брегалница останува без уште еден фудбалер од минатосезонскиот ростер, додека Пелистер добива искусен играч кој добро ги познава предизвиците во македонскиот фудбал и ќе биде важен адут во составот на битолчани.