
Прволигашот Брегалница претстави три нови засилувања, со што „сините“ продолжуваат да го подиграат квалитетот во своите редовите за новата сезона.
Дресот на прволигашот од Штип во сезона 2026/2027 ќе го носат Кристијан Стојкоски, Филип Алексовски и голманот Амир Јашар.
Стојкоски е искусниот офанзивен играч за врска кој пристигнува од екипата на Тиквеш. 34-годишниот фудбалер зад себе има одлична сезона во кавадаречкиот прволигаш, каде на 27 натпревари постигна пет погодоци и запиша пет асистенции.
Стојкоски носи богато прволигашко искуство, а во текот на својата кариера настапуваше за Тетекс, Македонија ЃП, Шкупи, Работнички, АП Брера Струмица и Тиквеш. Станува збор за технички поткован фудбалер, чија најсилна страна е левата нога, а во Брегалница очекуваат токму неговото искуство, квалитет и креативност да бидат значаен адут во новата сезона.
Зад себе има и богата колекција на трофеи, откако четири пати го освојуваше Купот на Македонија. Првата титула ја освои со АП Брера Струмица, потоа двапати триумфираше со Македонија ЃП, а последниот куп-пехар го подигна со Тиквеш.
Во Брегалница пристигна и офанзивецот Филип Алексовски, кој доаѓа од редовите на Башкими. 26-годишниот фудбалер зад себе има одлична сезона во дресот на кумановскиот прволигаш, каде беше стандарден првотимец и на 31 натпревар постигна седум погодоци, покажувајќи ги своите голгетерски способности во елитното друштво.
Алексовски во Брегалница доаѓа како играч кој може да одговори на повеќе позиции во нападот. Може да настапува како централен напаѓач, но и како десно крило, а неговите најсилни карактеристики се играта „еден на еден“, брзината, промената на правец.
Во досегашната кариера, покрај Башкими, настапуваше и за Беса од Добри Дол, Кораб од Дебар и Македонија ЃП, каде ги стекна прволигашките искуства. За Македонија ЃП има освоено и две титули во Купот на Македонија.
Новиот фудбалер на Брегалница е и поранешен младински репрезентативец на Македонија до 21 година, а во Првата македонска фудбалска лига има запишано 121 настап, со 16 голови и шест асистенции.
Во Штип очекуваат Алексовски да биде важна алка во нападот на тимот и со своите квалитети да придонесе за остварување на амбициите во новата прволигашка сезона на штипските „сини“.
Амир Јашар и официјално беше претставен во дресот на Брегалница, „сините“ од Штип имаат нов голман за новата сезона, трансфер кој претходно го најавивме на М Нет телевизија.
Јашар кој има 35 години доаѓа од Башкими, а во минатото ги чуваше головите на Скопје, Гостивар, Шкупи, Тетекс, Дрита од Боговиње и последно Башкими, а меѓународна кариера градеше во Косово, носејќи го дресот на Вуштрија и Влазнија.
Брегалница новата сезона ја започнува овој викенд со гостување кај шампионот Вардар во Скопје.
Александар Ванев, М-Нет