
Ракометниот клуб Астибо и официјално донесе одлука за повлекување од натпреварување во Супер лигата, иако клубот минатата година избори опстанок во елитното друштво, па со тоа штипскиот клуб ќе игра во Првата лига, а причината за ваквата одлука се финансиите.
Клубот од градот од Исарот оваа одлука ја потврди преку официјално соопштение.
„Управата на Ракометниот клуб Астибо ја известува јавноста дека во претстојната сезона клубот нема да настапува во Супер женската лига на Македонија, туку ќе продолжи со натпреварување во Првата женска лига. Оваа одлука е донесена првенствено поради финансиски причини. Учеството во Супер женската лигата бара финансиски средства кои во моментов го надминуваат реалниот буџет на клубот, поради што натамошниот настап на ова ниво моментално не е реално остварлив. Управата на РК Астибо сака да упати огромна благодарност до Општина Штип, која покрај финансиската поддршка, обезбедува и услови за тренирање, вклучително и сала за тренирање и натпреварување на нашиот тим.
Посебна благодарност упатуваме и до Министерството за спорт на Република Македонија, за обезбедените финансиски средства кои значително придонесуваат за работата и функционирањето на клубот. РК Астибо располага со млада и квалитетна генерација ракометарки, кои минатата сезона 2025/2026 го освоија второто место во пионерска конкуренција. Настапот во Првата лига претставува одлична можност токму на овие млади пионерки да им се укаже доверба и минути на игра, а составот на тимот во голем дел ќе се потпира на играчки израснати во сопствената школа на клубот“, велат од клубот.
Сега Астибо кој ќе се натпреварува во Првата лига ќе продолжи да создава нови ракометни таленти, кои во иднина би го вратиле клубот односно во елитното друштво, а Штип како град на спортот ќе следи прволигашки, наместо суперлигашки ракомет.
Александар Ванев, М-Нет