
Утре и во понеделник православните верници ќе ги одбележат празниците Петровден и Павловден, посветени на Светите апостоли Петар и Павле – едни од најпочитуваните Христови ученици и проповедници на христијанската вера.
Празнувањето започнува со Петровден, кој се одбележува на 12 јули, а продолжува со Павловден на 13 јули. Со овие празници завршува и Петровденскиот пост, еден од четирите повеќедневни пости во годината, посветен токму на светите апостоли.
Црквата ги прославува Свети Петар и Свети Павле како најревносни проповедници на Христовото учење. Апостолот Петар се смета за пример на цврста и искрена вера, додека апостолот Павле останал запаметен по својата мисионерска дејност и ширењето на христијанството низ тогашниот свет.
По примањето на Светиот Дух, апостолите тргнале низ светот да го проповедаат Евангелието, а токму Петар и Павле оставиле најголема трага во ширењето на христијанската вера. На иконите најчесто се прикажуваат заедно – Свети Петар со клучевите од рајот, а Свети Павле со меч, симбол на неговото мачеништво.
По повод празниците, именден ќе прослават сите кои ги носат имињата Петар, Петре, Петра, Петранка, Петруна, Павле, Павел, Павлинка, како и други изведени форми.
Петровден и Павловден традиционално се одбележуваат со свечени богослужби во храмовите, семејни собири и празнични обичаи, продолжувајќи ја долгата православна традиција и духовното значење на овие празници.
Дајана Сандева, М-Нет