Алкохол, дрога и насилство ќе се казнуваат со забрана за престој во студентските домови

Нови правила за студентските домови: Забрана за сместување до пет години и старосна граница од 30 години

Студентите кои ќе внесуваат алкохол или дрога во студентските домови, ќе се однесуваат насилно или ќе вршат дискриминација, би можеле да останат без право на сместување во сите државни студентски домови во период од една до пет години. Ова е предвидено со предложените измени на Законот за студентскиот стандард, поднесени во Собранието по скратена постапка.

Една од клучните новини е воведувањето старосна граница од 30 години, што значи дека право на сместување ќе имаат студентите кои при поднесување на барањето нема да имаат наполнето 30 години.

Измените предвидуваат поделба на прекршоците на полесни и потешки. За полесни прекршоци, како пушење во домот, гласна музика, недолична хигиена и помала материјална штета, ќе се изрекуваат опомени. За потешки прекршоци, меѓу кои насилство, дискриминација, внесување алкохол и дрога, како и нанесување поголема материјална штета, ќе следуваат построги санкции, вклучително и забрана за користење на студентските домови до пет години.

Предлог-законот предвидува и можност студентите да поднесат приговор на изречените дисциплински мерки во рок од осум дена, а доколку биде усвоен, ќе стапи во сила со неговото објавување во „Службен весник“.

Дајана Сандева, М-Нет