Второлигашот Еуромилк ГЛ ги „запали моторите“ – прв собир на „лисиците“

ФОТО: ФК Еуромилк ГЛ

Популарните „лисици“ од Горно Лисиче се вратија на терен и ги започнаа летните подготовки, второлигашот Еуромилк ГЛ прв тргна со подготовки за сезоната која започнува на 15 август.

Тимот од Горно Лисиче преку бараж совладувајќи ја Каменица Саса се врати во Втора лига, откако претходно екс прволигашот беше шампион во Трета лига – Север.

Со многу ентузијазам, желба и победнички дух, официјално ги започнавме подготовките за новата сезона, велат од клубот, додополнувајќи дека пред нив е период исполнет со напорна работа, дисциплина и посветеност. Од клубот посочуваат дека секој тренинг е нов чекор кон нивните цели, дополнувајќи дека заедно ќе дадат сè за достоинствено да ги бранат боите на ФК Еуромилк ГЛ.

Јован Трајков останува на тренерското столче, а во следниот период се очекуваат и првите засилувања за тимот од Горно Лисиче, кој сезоната ја отвара во Струмица против ланскиот прволигаш Брера.

Александар Ванев, М-Нет