Следува топлотен бран, по променливото време деновиве

Летните горештини и во наредните денови ќе останат присутни, но попладневните часови ќе донесат нестабилно време со дожд, грмежи и засилен ветер. Под влијание на циклонска активност, на повеќе места се очекува развој на нестабилна облачност, а локално можни се и поинтензивни временски процеси проследени со пороен дожд и појава на град. Дежурниот синоптичар Марија Цветковска Атанасова информира дека најизразена нестабилност се очекува во вторник и среда.

„Под влијание на циклонска активност која што има цетар во Турција во вторник и среда ќе има развој на нестабилна облачност која што ќе биде проследена со дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град. Во однос на температурите, генерално температурите бележат тенденција на благ пораст. Од петок за време на викендот, дневните температури на секаде во источните делови ќе бидат над 30 степени. Споредено за оваа недела петок ќе биде потопло од четвоток. Четвоток има услови за развој на локална нестабилност, значи нема да биде како во вторник и во среда. Вторник и среда има поинтензивни процеси, меѓутоа во четврток ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи и сепак тоа ќе придонесе да нема толку високи температури.“- Марија Цветковска Атанасова

Децидна е Цветковска Атанасова дека по нестабилните вторник и среда, во четврток се очекува краткотрајна и изолирана нестабилност со дожд и грмежи, која нема да биде со интензитетот на претходните денови. Веќе во петок следува пораст на температурите, па денот ќе биде потопол од четврток.

По поинтензивните врнежи и нестабилности што се очекуваат во вторник и среда, во четврток временските прилики постепено ќе се стабилизираат, иако локално ќе има услови за краткотраен дожд и грмежи. Од петок следува нов пораст на температурите, па крајот на работната недела и викендот ќе донесат вистинско летно време со температури над 30 степени.

Дајана Сандева, М-Нет