Муцунски ќе учествува на бизнис форум во Турција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, утре во Истанбул ќе учествува и ќе се обрати на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција.

Форумот, организиран од владите на двете земји, ќе ги обедини претставниците на институциите на највисоко ниво и бизнис-заедниците од двете држави, со цел унапредување на економската и трговската соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства. На настанот се очекува учество на голем број компании од двете земји, кои ќе реализираат B2B и B2G средби.

Бизнис форумот ќе го отворат министерот Муцунски и неговиот хомолог, министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат.

На маргините на форумот, Муцунски ќе оствари билатерална средба со министерот Болат, на која се очекува да стане збор за економските односи меѓу двете земји, можностите за натамошно зголемување на трговската размена, привлекувањето инвестиции, како и за унапредувањето на севкупната економска соработка.

Настанот претставува значајна можност за продлабочување на економските врски меѓу Северна Македонија и Турција, како и за воспоставување нови деловни контакти и партнерства меѓу компаниите од двете држави, соопштија од МНР.

Текстот Муцунски ќе учествува на бизнис форум во Турција е превземен од МАКФАКС.