
Министерството за внатрешни работи информираше дека воведува Кодекс за облекување за вработените и за граѓаните кои ги посетуваат објектите на Одделот за граѓански работи, со цел да се зачуваат професионалните стандарди, достоинството на институцијата и меѓусебната почит.
Од МВР посочуваат дека како институција која секојдневно е во служба на граѓаните, соодветното облекување придонесува за подобра работна атмосфера и поголемо почитување на државните институции. Поради тоа, граѓаните кои доаѓаат за подигнување лични документи, пасоши или користење на други административни услуги се повикуваат да водат сметка за својот изглед и облека.
Според новиот кодекс, за несоодветна облека се сметаат премногу кратки и тесни здолништа, куси панталони наменети за плажа или спортски активности, како и облека што прекумерно ги открива стомакот, градите или долната облека. Исто така, нема да биде дозволена облека која вообичаено се носи во домашни услови, на плажа или во ноќни клубови.
Во листата на неприфатлива облека се вклучени и тренерки, спортска опрема, како и гардероба со навредливи натписи, симболи или слики. За несоодветни се сметаат и обувки како папучи, влечки, апостолки, кломпи и налани.
Од Министерството нагласуваат дека кодексот не се однесува само на граѓаните, туку и на вработените во Одделот за граѓански работи, кои се обврзани доследно да ги почитуваат правилата за службено и професионално облекување утврдени од институцијата.