
Ракометарите на Мулти Есенс со убедлива победа од 39:25 над Драчево Јуниор во рамки на последното 26. коло станаа шампиони во Првата лига, а со тоа тимот од Автокоманда по две сезони се враќа во ракометната елита на Македонија за следната сезона.
Зад Мулти Есенс е успешна сезона со 23 победи и само еден пораз и со најдобар напад кој реализирал 943 погодоци, па така тимот од Автокоманда кој го води Миле Бочкаровски ќе биде дел од Супер лига следната сезона.
Во последниот меч за Мулти Есенс за оваа сезона Бобан Павловски беше најдобар стрелец со осум гола, а Немања Џигеровски го следеше со седум погодоци.
За екипата на Драчево Јуниор прво име беше Димитар Петковски, кој успеа да реализира пет погодоци.
Со бод помалку екипата на Младост од Богданци заврши на второто место и ќе игра бараж за влез во Супер лигата против Струга, која пак втора година по ред ќе се бори за опстанок во елитното друштво преку бараж.
Александар Ванев, М-Нет