Брегалница и Шкендија Арачиново ќе решаваат во Штип за ПМФЛ, Скопје го исфрли Охрид од трка за директен влез

Продолжува и понатаму неизвесноста околу директиот влез во Прва лига, а сега таа трка ја водат три екипи, откако една излезе од трасата која води кон елитата.

Брегалница со голот на Дино Михолов успеа да слави со минимални 0:1 над Беласица во Струмица и го сочува првото место во меч кој го следевте во живо на М Нет телевизија, па како лидер в недела во Штип ќе ја пречека Шкендија Арачиново и во директна дерби пресметка ќе решаваат за директен влез во Прва лига.

Токму Шкендија Арачиново имаше убедлива победа оваа коло совладувајќи го Вардар Неготино со убедливи 8:2.

Скопје со минимални 1:0 славеше над Охрид, па така „рибарите“ сега се четврти и им останува надеж барем за трето место и бараж, бидејќи веќе директен влез за Охрид во Прва лига стана невозможна мисија.

Во топ пет зоната табелата изгледа вака. На врвот е Брегалница со 64 бодови, Скопје и Шкендија Арачиново го делат второто место со по 62 бодови. Охрид сега е четврт со 59 бодови, а пак Беласица е петта со 52 бодови.

Новаци овој викенд го доби тимот на Слога во Виница со 0:2, Тетекс славеше над Победа со 0:3, Кожуф забележа минимална победа од 0:1 над Осогово, во Радовиш се одигра единствениот меч без погодоци меѓу Детонит Плачковица и Саса кои одиграа нула, а пак Преспа со минимални 0:1 славеше над Големо Коњари.

Во однос на останатиот дел од табелата екипата на Осогово е шести со 50 бодови, Новаци е седми со 47 бодови, а пак Детонит Плачковица е осми со 46 бодови.

Во бараж зоната за опстанок Кожуф е деветти со 39 бодови, Тетекс е десетти со 36 бодови, Саса е место подолу со 33 бодови.

Во зоната која води кон Трета лига нема промени, таму се Вардар Неготино, Преспа, Слога Виница, Победа и Големо Коњари кои одамна се преселија во ранг подолу за следната сезона.

Александар Ванев, М-Нет