
Веќе станува јасно оти Вардар ќе ја освои шампионската титула во Првата македонска фудбалска лига, лидерот има шест бода предност на три кола до крајот. Овој викенд вардарци со 0:2 го добија Башкими, а притоа го искористија ремито на Шкендија во Кратово каде одиграа 1:1 со Силекс.
Брера Струмица славеше минимална победа од 0:1 над Струга во гости и со тоа сега струмичани се во позиција и за директен опстанок, откако Тиквеш и Арсими ремизираа играјќи 1:1.
Очекувано во оваа коло Македонија ЃП со 0:4 го доби Шкупи, а пак Работнички и Пелистер одиграа неверојатно реми со шест гола за конечни 3:3, откако битолчани гол постигнаа во самиот финиш и се спасија од пораз, а херој беше Мирко Ивановски.
Вардар е лидер со 74 бодови со шест повеќе од Шкендија која е втора со 68 бодови, а пак Струга е трета со 62 бодови, а Силекс е четврт со 53 бодови. Тиквеш е сигурен на петтото место со 41 бод, бод помалку има Башкими кој е шести.
Трката за опстанок се разгорува. Арсими е седми со 39 бодови, а Брера е осма во бараж зоната со 36 бодови, па меѓу овие две екипи ќе биде трката за директен опстанок. Пелистер е во бараж зоната со 33 бодови како деветти.
Во зоната за директено испаѓање е Македонија ЃП со 30 бодови како десетта, Работнички е место подолу со 29 бодови, а на дното е Шкупи со еден бод.
Александар Ванев, М-Нет