„Борба до последна секунда“ – Јованов со гол во финишот донесе бод за Осогово


Екипата на Осогово освои значаен бод на домашен терен, одигрувајќи 1:1 против Шкендија Арачиново во натпревар полн со борба и неизвесност до самиот крај. Дуелот беше решен во драматичен финиш, кога домаќините успеаја да израмнат во последните моменти од средбата.
Стрелецот на израмнувачкиот погодок, Филип Јованов, по натпреварот истакна дека токму карактерот и вербата биле клучни за позитивниот исход.
„Ова е фудбал, борба до последна секунда. Против Шкендија не беше лесно, но срцето и вербата не не напуштија, а поддршката од навивачите како наш 12-ти играч и дома и на гости ни дава дополнителна сила. Голот во самиот финиш значи многу за мене, но уште повеќе за тимот. Овој бод ни дава сила за понатаму“, изјави Јованов.
Шкендија Арачиново важеше за незгоден противник и фаворит, но Осогово покажа дека не се откажува лесно, особено пред својата публика. Освоениот бод може да се покаже како значаен во продолжението од сезоната, а ваквите натпревари се доказ за борбениот дух на тимот од Кочани.