Убедлива победа на Шкендија против Шкупи во Тетово

Шкендија рутински славеше над екипата на Шкупи, испраќајќи шест гола во мрежата на тимот од Чаир. Со доминантна игра во текот на целиот натпревар, тетовските „црвено-црни“ покажаа супериорност на домашниот терен.

Натпреварот започна со иницијатива на домашните. Првата посериозна закана дојде преку Бесарт Ибраими, кој шутираше од тежок агол, но топката помина покрај стативата. Набрзо потоа, Ндзенгуе излезе „очи в очи“ со гостинскиот голман, кој успеа да интервенира и да го спаси својот гол.

Сепак, притисокот вроди со плод по еден корнер, кога Мелиќи највисоко скокна во шеснаесетникот и со глава го отвори резултатот. Само три минути подоцна, истиот играч повторно со глава го постигна својот втор гол, овој пат по асистенција на Бесарт Ибраими од слободен удар. Мелиќи имаше златна шанса за хет-трик во 25-тата минута, но неговиот удар заврши за малку непрецизно.

Пред крајот на првиот дел, во 32-рата минута, Ибраими се закани од непосредна близина, но голманот Муслиу беше на висина на задачата. Сепак, во последната минута од полувремето, Бесарт Ибраими со прецизен удар од 17 метри зголеми на убедливи 3:0.

Второто полувреме започна со првиот посериозен обид на Шкупи преку Нухиу, чиј удар беше првиот директен тест за домашниот голман. На спротивната страна, Јакупи не успеа да ја погоди мрежата од 11 метри, испраќајќи ја топката над голот.

Во 60-тата минута, предноста на Шкендија порасна на 4:0. Својот втор гол на натпреварот го постигна Бесарт Ибраими, по одличната асистенција на Мазари. Младиот Мазари беше во улога на асистент и при следниот погодок, кога Лиридон Латифи погоди за 5:0.

Конечниот резултат и „петардата“ ја заокружи токму Латифи. Во судиското продолжение, напаѓачот на Шкендија го постигна својот втор личен гол, поставувајќи ги финалните 6:0 семафорот во Тетово. (ФФМ)