
Со палење свеќи, поставување камен темелник за изградба на споменик и комеморација, Штип на 16 ќе ја одбележи годишнината од трагедијата во кочанската дискотека Пулс, во која животот го загубија и петмина штипјани.
Програмата започнува во 18 часот и 30 минути со прием на гости и поставување на камен-темелник кај фонтаната во близина на градскиот плоштад, со што симболично ќе започне изградбата на спомен-обележје кое трајно ќе потсетува на жртвите и на болката што ја остави оваа трагедија.
Потоа, од 18 часот и 40 минути до 19 часот и 10 минути, ќе следува палење свеќи во чест на сите починати. Граѓаните, семејствата, пријателите и сите кои сакаат да оддадат почит, ќе имаат можност со овој симболичен чин да покажат дека споменот за жртвите останува жив.
Во 19 часот и 10 минути е предвидена и кратка комеморативна програма посветена на жртвите од трагичниот пожар, со порака дека тие никогаш нема да бидат заборавени, а дека заедништвото и поддршката се најсилниот одговор во моменти на болка.
Настанот ќе заврши во 19 часот и 30 минути со симболично „ѕвездено небо“, кога присутните ќе ги вклучат светилките од своите мобилни телефони. Со оваа глетка, исполнета со светлина, ќе се испрати порака дека и во најтешките моменти постои надеж, а споменот за оние кои ги загубивме ќе продолжи да живее.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат на настанот и заедно да испратат порака на сеќавање, почит и единство, затоа што, како што велат, Штип не заборава.
Иван Митев, М-Нет