Вардар ја гради иднината – тројца млади фудбалери потпишаа професионални договори

ФК Вардар продолжува со вложувањата во сопствениот кадар и развојот на младите фудбалери. Клубот официјално информираше дека тројца таленти од Младинската школа потпишаа професионални договори со „црвено-црните“.

Станува збор за Никола Ристевски (2007), Христијан Јевтоски (2008) и Бљерон Бајрами (2008), кои се обврзаа на верност кон Вардар до 2029 година.

Од таборот на најтрофејниот македонски клуб потенцираат дека ова е уште еден доказ за континуираната и систематска работа со младинските категории, со цел создавање квалитетни фудбалери кои во иднина ќе бидат носители на играта на првиот тим.

Во Вардар традиционално големо внимание се посветува на младинската школа, од која низ годините произлегоа голем број репрезентативци и играчи што оставија трага во домашниот и меѓународниот фудбал.

На младите фудбалери им беше посакан многу успех, напредок и професионален развој во дресот на „црвено-црните“, со надеж дека во наредните години ќе го потврдат својот потенцијал и ќе станат важен дел од сениорскиот состав.