
Фудбалската репрезентација на Македонија ги доби противниците за новото издание на Лигата на нации, откако вечерва беше извршена ждребката во Брисел. Нашата селекција ќе настапува во групата Б1, каде за ривали ги доби селекциите на Шкотска, Швајцарија и Словенија.
Станува збор за исклучително конкурентна група, во која сите репрезентации имаат сериозно искуство на големи натпреварувања, што на Македонија ѝ носи нов предизвик по пласманот во Б-дивизијата.
Натпреварите од групната фаза се предвидени да се играат во периодот од септември до ноември 2026 година, а првопласираната селекција ќе избори пласман во елитната Лига А, додека последнопласираната ќе се соочи со опасност од испаѓање.
За македонската репрезентација ова ќе биде можност да го потврди напредокот и да се надигрува со ривали од висок ранг, во натпреварување кое во последните години стана важен пат и кон пласман на големите европски и светски турнири.