Алкалоид го засили ростерот со Филип Николов, репрезентативците повторно во погон пред стартот на Суперлигата

Ракометниот клуб Алкалоид официјално го претстави новото засилување во своите редови – Филип Николов (26), кој ќе ја засили конкуренцијата на позицијата десен бек и ќе донесе дополнителен квалитет во играта во двата правци.

Николов во Алкалоид пристигнува по неколку сезони минати во РК Бутел Скопје, каде што се наметна како стабилен и борбен ракометар. Роден во Велес, тој во својата кариера настапувал и за РК Радовиш и РК Охрид, со што зад себе има значајно искуство од домашната сцена.

Паралелно со трансфер-активностите, Алкалоид ги продолжува и редовните подготовки, откако репрезентативците кои имаа обврски на Европското првенство 2026 повторно се приклучија на екипата. Под водство на стручниот штаб, тимот работи во полн ритам во салата во Автокоманда, фокусирајќи се на претстојните предизвици во продолжението од сезоната.

Првиот официјален натпревар за Алкалоид во Суперлигата за 2026 година ќе биде градската пресметка против РК Пролет 62, која ќе се одигра во Автокоманда на 7 или 8 февруари, а точниот термин ќе биде дополнително утврден.