ФК Илинден продолжува со подмладување – Арсовски и Јанкулоски нови засилувања

Фудбалскиот клуб Илинден активно работи на комплетирање на ростерот во пресрет на продолжението од сезоната, откако официјално ги претстави Максим Арсовски и Андреј Јанкулоски како нови засилувања во тимот.

Првото ново име е Максим Арсовски (19), кој во редовите на Илинден пристигнува од ФК Работнички, каде што ги мина младинските категории. Станува збор за фудбалер кој игра со десната нога и може да настапува на бековските позиции по двете страни, што на стручниот штаб ќе му овозможи поголема флексибилност во одбраната.

Второто засилување е Андреј Јанкулоски (17), напаѓач кој доаѓа од младинската екипа на Њу Старс. Тој е дете на Фудбалската школа Грозданоски, каде што четири години ги градел своите фудбалски основи, а се одликува со игра со десната нога и офанзивна ориентација.

Со ангажманот на двајцата млади фудбалери, ФК Илинден јасно ја покажува определбата за работа со млади и перспективни играчи, кои треба да донесат свежина, енергија и развој на долг рок.

Од клубот им посакаа многу среќа и успешни настапи во црвено-црниот дрес.