
Штипскиот второлигаш Брегалница започна со одигрување на пријателски натпревари откако на Градскиот стадион во Штип „сините“ на Влатко Костов го имаа првото тестирање во рамки на зимските подготовки против третолигашот Еуромилк од Горно Лисиче.
Ова беше пријателски натпревар на два поранешни прволигаши, а кој заврши со триумф за Брегалница од 2:1.
Тимот од Скопје прв дојде до водство со еврогол од слободен удар на Михајло Митров, а потоа штипјани го сврте резултатот, откако Јорданчо Наумоски погоди во 45. минута, а пак Лука Бојаџиев во 84. минута постигна гол за 2:1.
Овој пријателски меч беше прва можност преку пријателски натпревар искусниот стратег Влатко Костов да види како оди подигањето на формата, а притоа и како оди вклопувањето на новите играчи.
Во следниот период „сините“ ќе одиграат уште неколку пријателски натпревари кои ќе послужат како можност за проверка на формата.
Брегалница во пролетниот дел ќе цели кон влез во Прва лига, а пак Еуромилк ГЛ ќе цели кон враќање во Втора лига.
Второлигашот Осогово одигра нов пријателски меч против третолигашот Аеродром, а кој тест заврши со убедлива победа за тимот од Кочани од убедливи 0:5.
Стрелци за тимот на Крсте Крстев беа Христијан Поп Антоски, Драган Паунов, Филип Димоски, а Михаил Николов постигна два погодоци.
Во пролетниот дел Осогово ќе цели кон потврда на директен опстанок, а вториот дел го отвара против Каменица Саса на домашен терен.
Прволигашот Арсими со убедливи 1:4 славеше над второлигашот Тетекс на пријателски меч во Тетово. Единствен стрелец за Тетекс беше Златко Радевски, а пак за Арсими погодија Малиќ Белули, Сикиру Олатунбосун, Шефит Шефити и Ремзифаик Селмани.
Пролетниот дел во Првата лига започнува на 7 февруари, а пак во Вториот дел на 21 февруари.
Александар Ванев, М-Нет