
Точно напладне превозниците ги блокираа граничните премини за излез од државата заради новиот начин за влез и излез од ЕУ. На протестот се обединија возачите од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија, а блокирани се граничните терминали за товар. Кај нас се затворени граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево е затворен од српска страна. Целта е да се најде решение, бидејќи во спротивно по 10 април нема да има возачи кои ќе може да работат однонсо да ги возат товарните возила.
„Професијата професионален возач, не е турист, не е мигрант, туку работи, вработен е во сопствената држава и едноставно можеме да кажеме дека ЕУ на овој начин сака да не запре да работиме. Кога знаеме дека со секоја држава имаме потпишано и билатерални спогодби во областа на превозот кој ни дозволува пристап ни нивна територија, сега велат не важи“ – вели Муратовска.
Поддршка на протестот на превозниците даде и министерот за транспорт и врски, Александар Николовски. Тој посочи три можни решенија со помош на кои професионалните возачи ќе може да работат и да транзитираат во земјите од Шенген зоната.
„Во принцип имаат три возможни решенија, првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за превозниците, второто решение е да се зголеми бројот на денови кои можат да ги поминуваат во Шенген зоната, најмалку на 250 денови и третото решение е да не се третираат како туристи, туку да се третираат онака како што треба како професионалци“ – вели Николовски.
Ова е предупредувачки протест кој е предвидено да трае седум дена, со можност да се прекине порано доколку се изнајде решение со ЕУ.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет