Депонијата Трештена скала го загадува воздухот на штипјани, но пироманите никако да се фатат

Сместена во полустепскиот предел на Пенуш, најголемата депонија на истокот оддалечена над 10 километри од Штип чади и лете и зимо. Штипјани од високите зони го гледаат црниот чад, а во зависност од правецот на ветерот се чувствува  смрдеата од запалената депонија. Ветерот го чисти воздухот што го дишат штипјани, но за најчистиот град најголем непријател е ветерот кој дува од западна страна, па чадот и смрдеата од депонијата директно се шират низ штипските населби.

 „Депонијата кога е запалена е обично кога има западни ветрови. Целата таа чур доаѓа на оваа страна. Кај нас ружата на ветровите повеќе се северо-источни и југо-западни. Но имаме и западни ветрови. Така да кога има ветер од западен правец, таа чур целата доаѓа во градот. Депонија како депонија на неа има секакви материјали и верувам дека сите тие честички се поголеми, отколку што се сега”, вели анкетиран штипјанец.

„Нормално дека се чуствува кога ќе се запали депонијата. Ветерот миризбата секаде ја носи, а дојде некогаш и наваму накај градот, сега зависи од која страна ветерот дува. Дали влијае загадувањето на воздухот по здравјето на граѓаните? Па нормално загаден воздух влијае, повозрасните луѓе, па и за помладите нормално дека влијае”, рече анкетиран штипјанец.

Локалната власт тврди дека депонијата која е на ниво на ѓубриште ја палат нелегални управувачи со отпад. Сторителите и се познати , за што имаат и докази. Пред пет месеци комуналното претријатие „Исар”, за да ја заштити депонијата од собирачите на старо железо, постави 24 часовен видео надзор и чуварска служба, но нелегалните управувачи со отпад не се плашат ниту од видео надзор, ниту од одговорноста која можат да ја имаат пред Законот. Чуварите постојано добиваат смртни закани од пироманите, кои имаат профит од палењето на отпадот.

„Има и такви случаи од поединци, но ние уредно како јавно претпријатие ги пријавуваме до надлежните институции и понатаму очекуваме тие да си ја завршат својата работа согласно нивните надлежности.” – вели директорот на ЈП „Исар”, Александар Арсовски.

„Јас се сомневам во желбата и капацитетноста на одговорните лица во СВР-Штип. Затоа што последователно се пријавува ваква појава палење на Градската депонија. Но, последователно не добиваме повратен одговор што е преземено по однос на ваквите пријави. Апелирам до одговорните лица на СВР-Штип да бидат на висина на задачата, да си ја заработуваат платата и да постапуваат по пријавите, кои се доставени од страна на ЈП „Исар” и чуварската служба на Градската депонија. Затоа што ова е надлежност на СВР-Штип. Ние можеме да пријавува, да констатираме, но немаме надлежност да санкционираме и да спроведуваме јавен ред и мир. Така да се надевам дека ќе се случи соодветна организираност во рамки на СВР-Штип, со којашто ќе се подобри функционалноста на оваа институција, вели  градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Според видео снимките кои ги имаат Локалните институции станува збор за пет лица кои и се добро позати и организирани во група и работат за еден откупен центар.

Но, СВР Штип го тврдат спротивното. Според нив има три пријави во текот на 2025 година, но само една била вистинска. Останатите две според СВР Штип се лажни пријави и завршиле со предупредување, но и со прекршочна пријава за чуварот на градската депонија. Од таму велат дека согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, поднесено е  барање за поведување прекршочна постапка до Основен Суд Штип.

„Ве известуваме дека од страна на ЈП „Исар” (по наши усни барања во повеќе наврати) доставен е видео материјал, во кој не постојат докази за лица кои ја палат градската депонија, а во врска со нивното нелегално влегување во кругот на депонијата, Ве известуваме дека полицијата не е надлежна да го контролира влезот и излезот од истата, односно надлежно е ЈП „Исар”. Појаснуваме дека теренот на Градската депонија – Трештена скала и нејзината околина е лоцирана надвор од урбаната средина на Општина Штип (во ридски предел) и истата не е воопшто оградена од страна на ЈП „Исар” и Општина Штип, која ограда би го регулирала влезот и излезот од истата и би го спречила недозволениот влез на возила и лица од било која страна.” – велат од СВР Штип.
Според СВР Штип депонијата не е обезбедена од ниту една страна со систем со видео надзор, освен од главниот влез и не ја опфаќа севкупната површна на депонијата . СВР Штип постојано врши обиколки на Градската депонија со цел извршување на своите законски надлежности.” – додаваат од СВР Штип.

Штипскиот градоначалник возвраќа дека најлесно е еден случај да биде затворен како лажна пријава.

-Па можете да замислите до каде оди оваа информација имајќи во предвид дека константно се пали градската депонија, најлесно е да биде затворен случајот дека е лажна пријава. Навремено кога нема да постапуваат и кога немаат екипираност за да постапите најлесен изговор е да кажете дека лажно се пријавува, а граѓаните на Општина Штип се сведоци дека градската депонија константно се пали од нелегалните управувачи со отпад за коишто имаме цврсти докази во форма на видео записи, кои се доставени до СВР-Штип. Точно се знаат лицата, коишто континуирано го прават истото, ги знаеме и каде се нивните илегални отпади, каде што се депонира старото железо, коешто се зема од градската депонија. Доволно е само да се има желба и волја и да се биде на висина на задачата во рамки на институцијата.” – вели Јорданов.

И додека општината и полицијата ја бранат депонијата од нелегални управувачи со отпад, на Трештена скала годишно има над 15  пожари. Пожарникарите велат дека депонијата им создава проблеми најмногу во летните месеци, кога имаат и најмногу интервенции на отворено и во шумите. Пожарите и во шумите и на депониите се штетни по здравјето на луѓето, канцерогени супстанци има во се што согорува, вели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД)- Штип, Дејан Мираковски. Забележува дека  посебно се опасни по здравјето на луѓето пожарите на дивите депонии.

„За жал пожарите на депониите, посебно на дивите каде не се знае составот на отпадот што е депониран, се многу опасни, бидејќи емитираат состојки  во кратко време високи концентрации на многу токсични компоненти, се шират во близина на местото каде настанал пожарот. Тоа е една од причините кои дополнително го загадуват воздухот. Канцерогени супстанци има во се што се согорува”, вели проф.д-р Дејан Мираковски.

Депонијата Трештена скала ќе чади се до изградбата на современата регионална депонија кај светиниколско Мечкуевци. Триенаесет години се чека на првата современа депонија во земјата. Ана Мазнева Каранфиловска од Министерството за животна средина вели дека се во исчекување на објавување на новиот втор меѓународен тендер кој треба да биде со понестроги критериуми ,со цел да се јават повеќе фирми за изградба на совремниот систем за управување со отпад кај Мечкуевци, бидејќи на првиот тендер се јавила само една фирма. Регионалната депонија Мечкуевци е наменета за 18 општини од Источниот и Североисточниот регион и нејзината изградба треба да чини 40 милиони евра.

Новинари Викторија Димитрова и Лаура Стојанова Ќирчов.