
Започна пролетната полусезона во Првата и Втората женска кошаркарска лига со натпревари кои беа одиграни викендот.
Кај второлигаши беа одиграни натпревари од деветтото коло – уште еднаш се потврди дека во Штип бодови не се освојуваат така лесно. Кошаркарките на Тим Арена со убедливи 74:40 го декласираа Охрид во спортската сала „Јордан Мијалков“ со што штипјанки продолжуваа да го следат чекорот на лидерот Гевгелија, кој пак со убедливи 76:31 го декласираа Шкупи.
Колото ќе се комплетира во среда со мечот меѓу Струга и Гостивар, а во рамки на деветтото коло слободна беше екипата на Риниа Баскет.
Во однос на табелата Гевгелија е прва со 15 бодови, Тим Арена е втора со 13 бодови, а пак Гостивар со меч помалку е трет со 12 бодови.
Во Првата лига пак се одиграа дерби натпревари, а имаше и едно изненадување.
Дербито на колото се одигра во Македонска Каменица каде актуелниот шампион Баскет Кам славеше над директниот конкурент за титулата Крива Паланка со резултат од 69:53.
На полувреме резултат беше 41:35, а во вториот дел домаќинот беше уште подобар и стигна до посакувана цел славје од високи 69:53.
Кметовска за Баскет Кам имаше 24 реализации со ефект осум скока и пет асистенции, Адамовска имаше 15 поени и 11 скока, додека пак кај Крива Паланка, Алексовска имаше 15 поени и четири скока.
Во Делчево ништо ново – пораз за „фенерџијата“ Патриот овој пат од Пробаскет со убедлив резултат 45:95. Тимот од Делчево и натаму останува единствениот во Првата кошаркарска лига кој нема триумф. Гостинот од Кавадарци уште од сам почеток градеше резултатска предност и без било какви проблеми стигна до убедливата победа.
Јовановиќ имаше двоен ефект од 24 поени и 11 скока, а пак Томас имаше 19 поени, кај тимот од Делчево 15 поени имаше Рашова, а 13 Ангеловска.
Спорт Тим на домашен терен беше декласира од Бадел со резултат од 52:99. Гостинот само се прошета во Неготино и стигна до својата цел. Без воопшто мака од сам почеток до крајот Бадел доминираше на мечот.
Марија Николов имаше 28 поени, а Петрушевска 16 поени, додека пак кај поразениот домаќин Динова имаше 15 поени, а Леова се истакна до 13 поени.
МЗТ Скопје Бела Вода направи изненадување против Вардар славејќи со 67:51 над фаворитот. Уште од самиот почеток кошаркарките на МЗТ направија одлична серија и најавија дека сакаат сигурна победа, а до која стигнаа со одлично издание на домашниот паркет.
Херд и Корли искомбинираа 43 поени, а пак Тасевска кај гостинот имаше 14 реализации.
Во однос на табелата на врвот е Баскет Кам со 19 поени, следуваат Крива паланка и Вардар на делба на второто место со по 18 поени, откако двете екипи со порази го започнаа пролетниот дел.
Пробаскет е четврти со 16 поени, Бадел е петти со 15 бодови, МЗТ е на шестата позиција со 13 бодови. Во долниот дел на седмата позиција е Спорт Тим со 11 бодови, а на дното е Патриот од Делчево со десет бодови и единствен тим без триумф.
Александар Ванев, М-Нет