Второлигашите започнуваат со одигрување на пријателски натпревари за проверка на формата

Второлигашите веќе од овој викенд започнуваат со одигрување на првите пријателски натпревари за проверка на формата пред продолжението на шампионатот.

Утре на Градскиот стадион во Кочани ќе се одигра пријателски меч меѓу Осогово и Детонит Плачковица, можност за Крсте Крстев и Горан Здравков да проверат како оди подигањето на формата, бидејќи ова ќе биде прв контолен меч за двете екипи.

Веќе утре ќе се одигра контролен натпревар меѓу третолигашот Победа Валандово и второлигашот Вардар Неготино, мечот ќе се одигра на Градскиот стадион во Валандово.

Утре, пријателски меч ќе одиграат и второлигашите Кожуф и Беласица, што ќе биде можност за проверка на формата на двете екипи за пролетниот дел од второлигашкиот шампионат.

Исто така проверка на формата овој викенд ќе имаат и второлигашите Тетекс и Скопје, можност да се види како оди подигањето на формата кај „штофарите“ и „пиратите“ пред второлигашките предизвици оваа пролет.

Овој викенд ќе биде почеток на пријателските натпревари кај второлигаши и веќе со тоа во следниот период до почетокот на пролетниот дел на Втората лига кој е закажан за 21 февруари во просек секој второлигаш ќе одигра од четири до шест контролни натпревари за проверка на формата.

Александар Ванев, М-Нет