Штипските Соколи на дерби против Струмица – соочување на два директни конкуренти!

Стартот на пролетниот дел од Првата кошаркарска лига го носи и дербито во групата Б меѓу Струмица ФМП и Соколи од Штип, во меч од 12. коло.

Ова ќе биде големо дерби и соочување на два директни конкуренти кои сакаат влез во Суперлигата, а веќе утре во спортската сала „Никола Карев“ во Струмица со почеток од 17 часот ќе ја продолжат битката за остварување на целите.

Струмичани со поддршка од домашната публика и домашниот терен ќе го имаат како голема предност пред „соколите“ од Штип кои ќе се обидат да триумфираат на тешкиот терен.

Неизвесен дуел ќе има и меѓу Бутел и Борец Баскет во меч каде исто така победата е силен императив и за двете екипи.

Колото се затвара во недела во Струмица со натпреварот меѓу Ролинг и Спортисимо, натпревар каде струмичани ќе бараат втор позитивен резултат, а пак гостинот само прво сезонско славје.

Во рамки на првото пролетно коло во групата Б екипата на Овче Поле од Свети Николе ќе биде слободна.

Во однос на групата А два меча се закажани за утре. Тетекс ТТК на домашен терен ќе игра против Црн Дрим, а пак Водно Санс како фаворит ќе игра против „фенерџијата“ Младинец кој и натаму нема триумф.

В недела ќе се одигра дербито меѓу Охрид и Мега Баскет, победа е императив и за двете екипи кои атакуваат на влез во кошаркарската елита на Македонија. Во рамки на 12. коло или прва пролетна рунда од групата А на Првата кошаркарска лига слободна ќе биде екипата на Вардар.

Александар Ванев, М-Нет