
Утре стартува пролетниот дел во Првата женска кошаркарска лига со мечевите од 10. коло и веднаш на стартот има дерби меѓу актуелниот шампион Баскет Кам од Македонска Каменица и лидерот Крива Паланка.
Ова е дерби на две екипи кои претендираат за титулата – тимот од Македонска Каменица сака одбрана на шампионската титула, а пак Крива Паланка сака да ја освои и да ја донесе титулата во своите витрини.
Мечот меѓу Баскет Кам и Крива Паланка се игра во недела во спортската сала „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица со почеток од 16 часот.
Утре пак, на програмата ќе бидат три натпревари. Тимот на Патриот ќе бара прв позитивен резултат, на домашен терен во Делчево ќе се соочи со Пробаскет. Екипата од Делчево досега на девет одиграни натпревари забележа девет порази.
МЗТ Бела Вода на домашен терен ќе се соочи со фаворитот Вардар, ова ќе биде дуел каде „вардарки“ сакаат триумф и само тоа ќе биде опција, а пак МЗТ Бела Вода ќе се надева на изненадување.
Вардар заедно со Крива Паланка и Баскет Кам го дели врвот со по 17 бодови, а пак МЗТ Бела Вода е шести е со 11 бодови.
Во нешто понеизвесен меч ќе се соочат Спорт Тим и Бадел каде гостинот ќе биде фаворит против домаќин, а мечот се игра во Неготино.
Александар Ванев, М-Нет