В понеделник ќе се блокираат граничните премини, напладне протести и на Делчево и Ново Село

Во понеделник на 26 јануари ќе бидат блокирани граничните премини Делчево и Ново Село, но и останатите гранични премини од македонска страна освен Табановце. Превозниците од цела држава точно на пладне во понеделник ќе ги блокираат граничните премини со цел надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.

„Ќе бидат блокирани Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце. Табановце останува да не го блокираме ние, туку ќе го блокираат превозниците од Србија. Протестот започнува во 12 часот попладне, ќе бидеме таму се додека не добиеме некој позитивен сигнал за преговори кои ќе започнат со државите од Западен Балкан.“ – вели Муратовска.

Со најавените протести во траење од седум дена треба да се покаже што ќе се случи доколку не се направат измени во однос на евидентирањето на престојот на возачите.

„Возачите не одат таму илегално да работат, ниту туристички да седат, туку постојано и континуирано ја вршат својата работа, вработени се матичните држави, возилата се регистрирани, носат документи за стоката која ја превезуваат.“ – додава Муратовска.

Доколку не се направат измени од 10 април превозниците нема да можат да работат бидејќи ќе нема возачи кои ќе ги управуваат возилата. Затоа се повикува на масовност со цел заеднички да се регира за заеднички да се надмине проблемот.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет