Второлигашот Кожуф продолжува со засилувања за пролетниот дел

Второлигашот Кожуф од Гевгелија продолжува да се екипира за пролетниот дел од сезоната со промоција на нови засилувања. Последно име во тимот на штипскиот стратег Иван Варадиновски е Александар Богданоски, се работи за 20-годишен фудбалер кој доаѓа од второлигашот Скопје, а кој всушност е повратник во редовите на тимот од Гевгелија.

Новото засилување на Кожуф може да игра како централен напаѓач, но и како лево и десно крило, а има настапувано и за младинските категории на Работнички и Шкупи.

Претходно, Кожуф промовираше неколку засилувања со кои значително ќе се подига квалитетот на тимот за остварување целта – директен опстанок во Втора лига.

Филип Тодороски веќе е на располагање на Варадиновски кој доаѓа од прволигашот Пелистер, а претходно пристигнаа и Ристе Лембовски од Вардар Неготино, потоа Давор Богески од Слога Виница, Лука Варешаноски од Победа, Давид Ивановски кој доаѓа од швајцарски Винтертур, како и голманот Антонио Шемковски кој доаѓа од второлигашот Големо Коњари, а кој е всушност повратник во Кожуф.

Во следните денови Кожуф ќе претстави уште едно до две засилувања со што ќе се затвори трансфер пазарот во Гевгелија, а со тоа Варадиновски ќе го има тимот со кој ќе атакува на остварување на целите.

Кожуф презимува во бараж зоната како деветти со 22 бодови, два бода помалку од зоната за директен опстанок, а пролетниот дел го отвара против Брегалница на домашен терен.

Александар Ванев, М-Нет