
Штипскиот стратег Горан Здравков вчера на Градскиот стадион во Радовиш ја имаше првата прозивка со што беше означен почетокот на зимските подготовки на второлигашот Детонит Плачковица.
Ќе има неколку промени во ростерот, дресот на Детонит Плачковица во пролетниот дел нема да го носат Давид Велковски, Мартин Пивковски, Валентин Блажески како и голманот Стефан Нанчовски. Засега клубот од Радовиш е засилен со двајца играчи.
Повратник во редовите на Детонит Плачковица е Тони Мирчевски, 29-годишникот претходно го носеше дресот на Детонит Плачковица, а средината во Радовиш му е многу добро позната бидејќи настапуваше и за Плачковица. Последно беше дел од Слога Виница, а претходно настапуваше и за штипска Брегалница, Воска Спорт, Борец, Брегалница од Делчево, Скопје, Вардар и Цементарница. Ново име меѓу радовишани е и голманот Павел Петревски.
Според наши информации се водат преговори и клубот од Радовиш во следните денови треба да го засилат неколку нови фудбалери.
Стратегот Горан Здравков за М Нет телевизија ги потврди пријателските натпревари низ кој Детонит Плачковица ќе ја проверува формата. Првиот тест ќе биде против Осогово закажан за 24 јануари, потоа на 29 јануари ќе биде тестот со третолигашот Победа Валандово, па на 3 февруари со Беласица, а на 7 февруари ќе следува тест со прволигашот Брера Струмица, а генералката ќе биде со Кожуф од Гевгелија.
Детонит Плачковица есенскиот дел го заврши на седмото место и на своето конто има 26 бодови, а пролетниот дел тимот од Радовиш го отвара на домашен терне против последнопласираниот Големо Коњари.
Александар Ванев, М-Нет