Македонија со победа над Бахреин го отвори „Жолтиот куп“, денес против Украина

ФОТО: Ракометна федерација на Македонија

Македонската ракометна репрезентација со победа над Бахреин со резултат од 32:28 го отвори „Жолтиот куп“ кој ќе послужи како последна проверка пред настапот на Европското првенство.

Мечот меѓу Македонија и Бахреин започна израмнето, со цврсти одбрани на двете страни. Македонската репрезентација најчесто градеше резултатска предност од два до три гола, а на полувреме Македонија имаше 15:13.

Во вториот дел Бахреин накратко имаше и водство, но Македонија заигра многу подобро со поагресивна одбрана, и сигурност на нашите голмани меѓу стативите, а капитенот Филип Кузмановски со неколку погодоци го скрши отпорот на Бахреин и Македонија триумфираше.

Кузмановски беше прво име кај стрелците, а ефикасни беа и Велковски, Џонов и Ненад Костески, а селекторот Кирил Лазаров ротираше и шанса им даваше на ракометарите.

Денес македонската ракометна репрезентација ќе игра против Украина, а пак утре против Швајцарија, по што репрезентацијата ќе се „пресели“ во Хернинг каде ќе ги играме натпреварите од групата Б на Европското првенство против Данска, Португалија и Романија.

Александар Ванев, М-Нет