Одбојкарите на Штип УГД со фокус на домашното првенство и Купот – целта ќе биде двојна круна

Одбојкарите на Штип УГД ги завршија настапите во Европа, откако беа елиминирани од италијанскиот гигант Алијанц Милано во 1/16 финалето од Челинџ купот, со што фокусот на тимот на Кристиан Ристески се става на домашните обврски.

Зад македонскиот вицешампион и актуелен освојувач на Купот на Македонија е успешна деби европска сезона, тимот го елиминираше Кол Ил од Норвешка благодарение на одличното издание на реваншот во Радовиш, а против големиот фаворит Милано немаше можност за изненадување и Штип УГД ги загуби двата меча, во Радовиш како и во Италија.

Сега тимот има две обврски – првата е одбрана на Куп титулата, додека пак втората ќе биде атак на шампионската титула и со тоа да биде запрена доминацијата на Струмица.

Тимот од градот под Исарот двапати во низа ја освојува Куп титулата, а сега ќе атакува на трета во низа односно одбрана на истата, со што Штип УГД кој го води младиот стратег Кристиан Ристески ќе продолжи да ги радува навивачите и верната публика.

Штип УГД е првиот тим кој донесе Куп титула во колективен спорт во градот под Исарот, тоа успеа да го направи пред две сезони, а минатата сезона ја одбрани истата. Оваа сезона тимот игра одлично, презимува на лидерското место во Првата одбојкарска лига, а има цел за освјување на двојната круна и со тоа да се испише уште една голема историја за клубот. Тимот има само еден пораз од есенскиот дел кој го претрпе од Струмица пред својата публика во Штип.

Во плеј-офот ќе се натпреваруваат Штип УГД, Струмица, ГОК Борец, Работнички, Универзитет во Тетово и Сушево, а овде битката за титулата ќе ја водат Штип УГД и Струмица, иако се очекува голема борба и од ГОК Борец и Работнички, кои сигурно е дека ќе пружат интересни натпревари.

Вториот дел од првенството на Првата одбојкарска лига започнува на 24 јануари, а во тек е мини преодниот рок кој е отворен до 17 јануари.

Александар Ванев, М-Нет