Второлигашите и натаму во „зимски сон“ – некои екипи со многу прашалници пред стартот на зимските подготовки!?

Продолжува и натаму пасивноста околу засилувања кај второлигашите во однос на минатите зимски преодни рокови кога многу од второлигаши беа далеку поактивни со промоција на нови засилувања.

Засега само Шкендија Арачиново со четири и Охрид со две засилувања се најактивни со тоа што треба да се истакна дека Охрид ја задржа во целост екипата од есенскиот дел, па сега само се надополнува и го подига на уште повисоко ниво квалитетот во своите редовите.

Останатите екипи и натаму немаат официјално промовирање на играчи, иако преодниот рок се отвара на 15 јануари, минатата зима второлигашите беа многу поактивни.

Засилувања нема, но има заминувања. Повеќе од десеттина играчи веќе официјално ќе менуваат средина. Како и што веќе информиравме Филип Димоски од Победа замина, голманот на Кожуф, Борче Картов исто така ќе менува средина, од Детонит Плачковица заминаа Давид Велковски и Оливер Христов, Александар Ѓорѓиески повеќе нема да настапува за Шкендија Арачиново, Николче Шаркоски замина од редовите на Кожуф, од Каменица Саса си замина Махир Ајрули кој е нов играч на Шкендија Арачиново, а исто така од Осогов замина Владимир Жоглев кој е нов играч на Шкендија Арачиново. Искусниот Бојан Спиркоски замина од Беласица која беше најдобар стрелец на струмичани со десет гола, а пак Кожуф остана без Благоја Спиркоски кој е нов играч на Охрид.

Сериозен проблем ќе имаат екипи во долниот дел од табелата. Големо Коњари свесни дека веќе се испаднати во Трета лига ќе ја доиграат сезоната и ќе се подготвуваат за третолигашките предизвици, тимот на Слога Виница ќе треба сериозно да се засилува, но тимот е пред тежок предизвик поради сериозната бодовна разлика па останува надеж за бараж, што и тоа ќе биде исклучително тешко.

Преспа е во слична ситуација, тимот од Ресен е исто како и тимот од Виница.

Победа се соочува со заминувања на неколку фудбалери, што го отвара прашањето како прилепскиот второлигаш ќе изгледа во пролетниот дел и дали ќе има можност за засилувања. Проблемот со финансиите директно влијаат врз заминувањето на поискусните играчи, па сега тимот ќе има проблем како да се екипира и со какви сили ќе влезе во пролетниот дел во трката барем за бараж.

Вардар Неготино е блиску до бараж зоната, но ќе мора да се изнајдат квалитетни засилувања ако сама тимот да стигне до бараж позиција и на тој начин да води битка за опстанок.

Веќе неколку засилувања се договорени и во Тетекс, за што се чека официјална промоција во следните денови, Кожуф исто така има договорено неколку засилувања, Детонит Плачковица ќе треба да ангажира неколку засилувања во трката да остана во топ осум како и Осогово. Од Беласица остана без најдобриот стрелец Бојан Спиркоски, па во следниот период тимот ќе треба да се надополни со неколку засилувања.

Екипите веќе од следната недела ќе ги стартуваат подготовките за пролетниот дел, а со отварањето на зимскиот преоден рок кој треба да биде отворен на 15 јануари се очекува интензивно промовирање на нови засилувања.

Испаѓањето на последните пет екипи и играњето на бараж на екипите од деветтото до 11-тото место сериозно ги ставаат екипи во ситуација да размислуваат како да се засилуваат и како да стигнат до опстанок.

Од следната сезона Втора лига ќе се скрати на 14 екипи, а како и што најави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во иднината второлигашкото друштво ќе брои 12 екипи.

Александар Ванев, М-Нет