Управен одбор на ФФМ: Постапка против Сејдини и ревизија на тренерските лиценци

На денешната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, била донесена одлука за покренување дисциплинска постапка пред Дисциплинската комисија на ФФМ против поранешниот претседател на федерацијата, Муамед Сејдини.

„Постапката се покренува поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, поврзано со авансната исплата во износ од 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Исплатата, согласно достапната документација, била извршена самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор и спротивно на понудата и надлежностите и без да биде обезбедена банкарска гаранција. Управниот одбор оценува дека постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и делување спротивно на интересите на ФФМ, со што се нанесени негативни последици врз репутацијата и финансиското работење на федерацијата“, велат од ФФМ.

Исто така во соопштението од Куќата на фудбалот се вели дека Управниот одбор на ФФМ донел одлука за формирање ад-хок комисија која ќе спроведе ревизија на едукативниот процес за носителите на тренерски лиценци издадени од Едукативниот центар на ФФМ. Ревизијата ќе опфати проверка на тоа дали се почитувани роковите, процедурите и критериумите за посетување и учество на едукативните модули, како и постапката за издавање на тренерски лиценци.

Меѓу другото, ќе се испита и начинот на кој поранешниот селектор Игор Ангеловски ја добил својата ПРО лиценца, ревизија која тој самиот ја побарал, велат од ФФМ.

Александар Ванев, М-Нет