Селекторот Гоце Седлоски го претстави стручниот штаб

Гоце Седлоски официјално го комплетираше стручниот штаб со кој ќе ја предводи македонската А репрезентација во претстојниот натпреварувачки циклус, јасно ставајќи до знаење дека фокусот ќе биде на стручност, искуство и долгорочна визија.
Како негови асистенти ќе работат добро познати имиња од македонскиот фудбал. Во стручниот тим влегуваат Борче Христов, актуелен шеф на стручниот штаб на ФК Тиквеш и директор на Центарот за едукација, Ерхан Селими, кој досега успешно ја водеше репрезентацијата до 19 години, како и Зоран Бошковски – Чоко, легендарен напаѓач и стрелец на првиот гол во историјата на македонската репрезентација.
Дел од новиот тим ќе биде и поранешниот репрезентативен дефанзивец Ванче Шиков, кој зад себе има 58 настапи во националниот дрес, додека за тренер на голманите е назначен искусниот Гого Јовчев. За видео-аналитичар на А селекцијата е ангажиран Мартин Христов, а селекторот најави дека во наредниот период ќе биде соопштено и името на кондицискиот тренер.
Со ваков избор на соработници, Седлоски испраќа порака дека македонската репрезентација влегува во нова фаза, со јасна стратегија, стабилен стручен тим и амбиција за континуиран напредок на националниот тим на меѓународната сцена.

Александар Ванев, М-Нет