Штрајк во управата за матични книги, вработените бараат поголема плата

Штрајк во управата за водење на матични книги, вработените бараат зголемување на платите. Празни денеска останаа и шалтерите кои се наоѓаат во зградата на Општина Штип. Извод за родени, умрени, венчани денеска не може да се извади, бидејќи вработените ги прекинаа работните обврски денеска во знак на револт кон институциите, бидејќи не ги исполниле дадените ветувања и не го потпишале колективниот договор.

Според синдикатот, незадоволството произлегува од ниските плати и условите за работа. Тие бараат линеарно зголемување на платите од 20 проценти, образложувајќи дека нивната работа подразбира постојано ракување со чувствителни и доверливи лични податоци на граѓаните, без соодветно вреднување.

Од синдикалните претставници предупредуваат дека доколку надлежните не одговорат на барањата, можно е активирање генерален штрајк, што би значело целосна блокада на работата на Управата и запирање на издавањето документи на неодредено време.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет