
Екипата на Вардар како првопласирана ќе го започне пролетниот дел од сезоната идната година, откако на последниот меч во ПМФЛ годинава успеа со 1:2 да го совлада тимот на Македонија ЃП на гостувањето во Ѓорче Петров.
На тешкиот терен натопен со вода поради обилните врнежи денеска, „црвено-црните“ мораа да се враќаат од негатива, и со два брзи гола на Азер Омерагиќ да дојдат до посакуваната победа.
Во првото полувреме Вардар имаше повеќе од играта и барем пет одлични шанси за погодок. Почна со прилика за Најдовски, кој се обиде со глава, но одбрани Јанков. Јанков беше сигурен и по ударот на Омерагиќ. Потоа Талевски шутираше крај голот, па три шанси по ред за Закариќ. Два пати не успеа да погоди во целта, додека еднаш го совлада Јанков, но топката не ја мина гол линијата. Последната шанса во првиот дел ја имаше Талевски кој шутираше за малку крај голот.
Второто полувреме започна одлично за Македонија ЃП. Најпрво Софијановски имаше супер шанса, шутираше само крај голот. Во 54. минута по една одлична акција, Еступињан успеа да го совлада Ќосевски и да донесе предност.
Вардар веднаш се обиде да се врати резултатски, и тоа му успеа во 63. минута. Од левата страна тргна акцијата и топка до Омерагиќ кој од прва го совлада Јанков. Во 66. минута веќе беше 2:1 за Вардар. Овој пaт од десната страна топка доби Омерагиќ кој од прва шутираше прецизно во голот.
До крајот на мечот резултатот остана непроменет.
Извор: ФФМ