Струга Трим Лум со минимален триумф во Кавадарци

Во натпревар од 16. Коло во Првата фудбалска лига, Струга Трим Лум на гостувањето против Тиквеш забележа победа од 1:0. Со тоа стружани ја продолжија триумфалната низа и ќе презимат на второто место на табелата, со само еден бод заостанување зад лидерот Вардар.

На тешкиот терен за игра во Кавадарци, гостите, сепак, покажаа за нијанса повеќе и заслужено стигнаа до трите бода.    Во втората минута Тиквеш имаше одлична шанса за водство. Иван Ивановски излезе сам пред голманот Ангелети, но тој со одлична интервенција со нога спаси сигурен гол. Шест минути подоцна убава шанса и за Струга ТЛ. По корнер, Жаржу Маудо имаше можност, но Даниел Мојсов расчисти на гол-линијата.Во десеттата минута повторно Ивановски пропушти колосална шанса. Излезе сам пред противничкиот голман и беше за малку непрецизен.

Струга Трим Лум дојде до предност во 36.минута. Шабани продре по средината, шутираше, голманот на Тиквеш одбрани, а топката се одби на левата страна до Меметриза Хамза. Младинскиот репрезентативец шутираше и успеа да погоди на вистинското место обезбедувајќи предност за гостите.

Во второто полувреме теренот во Кавадарци беше уште потежок, тешко се градеа успешни акции, а Тиквеш иако се обидe, не стигна до израмнување. Во 83.минута, Даниел Мојсов се обиде од слободен удар, но шутираше над голот. Во последните моменти, повторно Мојсов упати удар со глава, но Ангелети одбрани.

Извор: ФФМ